Во интервју за Фокус, државниот обвинител Љубомир Јовески, на прашањето зошто бизнисменот Орце Камчев доби значително пониска казна и плати помала отштета на државата од Сашо Мијалков, кога за време на истрагата и двајцата беа на врвот на „Империјата“, вели:

-Тоа е уште едно прашање за кое има потреба од поконкретно појаснување. Двајцата беа обвинети за различни кривични дела за кои и пропишаните казни затвор се разликуваат. Што се однесува до паричниот дел, Орце Камчев беше обвинет за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ со која нанел штета на буџетот. Покрај затворската казна, тој како услов за да влезе во постапка за спогодување, мораше најпрвин да ја надомести штетата од 5,2 милиони евра што ја нанел по основ на затаен данок во 2004 и 2005 година со фирмата „Орка холдинг“.

Сумата која ја плати Камчев на државната сметка произлегува од вештачењето кое го изготивиле професори од Економскиот факултет.
На обвинетиот Сашо Мијалков на товар му се ставаа две кривични дела, „Злосторничко здружување“ и „Противправно стекнување имот“. Тука воопшто не станува збор за отштета кон државата исплатена за да се издејствува намалување на казната, како што беше претставено во јавноста. Станува збор за конфискација на имот за кој јавниот обвинител докажа дека потекнува од кривични дела. За секое обвинето лице, според основите определени во законт се врши индивидуализација на казната. Во тие околности, покрај признанието на вина, надоместувањето на штета пред спогодбата, за Камчев, олеснителна околност е дека за еден дел од истрагата тој беше соработник на правдата, што е од суштествено значење за утврдување на определени решавачки факти, вели Јовески.