Кардиохирургот д-р Сашко Јовев изјави дека и по неговото разрешување од директорската функција на државната Кардиохирургија, клиниката останува функционална и дека со тимот се договорил засега да останат во служба на граѓаните за, како што рече, да не прават поголеми проблеми.

-Решивме клиниката сега засега да функционира како и досега. Се договоривме меѓу нас дека ќе останеме во служба на граѓаните, дека не треба да правиме поголеми проблеми и се договоривме тоа да оди понатаму, ќе видиме како ќе се развива, рече д-р Јовев во гостување во Дневникот на ТВ Сител.

За разговорот што го имал со министерот за здравство Фатмир Меџити рече бил краток, но не докрај конструктивен зашто не нашле решение во врска со разрешувањето.

Кои ќе бидат неговите следни чекори, рече дека со правниот тим ќе одлучат викендов.

-Има моменти кога одиме агресивно, има моменти кога гледаме што побенигно да ја решиме ситуацијата. Тоа ќе го решат правниците, затоа што тоа е нивна работа. Иако како хирург сум борбен и нашата клиника е единствена и се бори и напредува, мислам дека имаше доста недоречености и недоразбирања и не сакам, како што се вели да одиме на нож, туку да го решиме проблемот како што треба, рече д-р Јовев.

Од приватна здравствена установа во моментов нема понуда за работа, но добил понуди од две клиники надвор од државата од луѓе кои, рече, му се многу блиски и кои „гледаат и знаат што се случува“.

На прашањето какви би биле последиците ако тој замине од Клиниката за кардиохирургија, одговори дека има развиен функционален тим, но дека, сепак, тој е на некој начин главната врска во тој тим.

-Не дека не ќе можат да функционираат, но нема да биде исто, и што се однесува до тежината на интервенциите, и до бројот на пациенти. Мојот тим е извонреден, ме следи, учи, работи, знае и може, меѓутоа нема да биде исто, додаде д-р Јовев.