Со две фестивалски вечери, утре и задутре во Куршумли Ан ќе биде заокружен 30-годишниот јубилеј на фестивалот „Оро без граници“.
Помеѓу активностите кои се најдоа на репертоарот на овогодинешниот фестивал се ликовниот конкурс на тема „Оро без граници – симбол на пријателство меѓу децата“, изложбата на фотографии на тема „Деца во традиционални носии минато – сегашност“, Ретроспективна фото галерија „Три децении Оро без граници“, проекција на интервју со основоположникот на фестивалот, Тофе Дракулевски, како и промоција на каталог посветен на „Оро без граници“.
Фестивалот уште од самото формирање па сѐ до ден денес, е со ревијален карактер. Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, кое се движи од Детскиот културен центар – Карпош до плоштадот во центарот на градот, каде се формира најголемото оро, оро кое не познава граници, оро кое е симбол на пријателство меѓу децата.
Првиот фестивал „Оро без граници“ се реализира во 1991 година, и оттогаш повеќе од 80 држави учествуваат на истиот.
Домаќини на фестивалот се Детскиот културен центар – Карпош со својот фолклорен ансамбл, поддржани од Град Скопје.