Тренерот на Лацио Симоне Инзаги стигна до јубилејната 100-та победа во Серија А, откако неговиот тим вчера ја совлада Сампдорија (1:0) на домашен терен во мечот од 23. коло.

Четириесет и четиригодишниот Инзаги има 100 победи од 181 натпревар, сите како главен тренер на Лацио. Според „Фудбал Италија“, само тројца тренери побрзо ја достигнале границата од 100 победи: Фабио Капело на 180 натпревари, Маурицио Сари во 169 и Антонио Конте во 145.

Инзаги е тренер на римските небесно-сини од 2016 година. За тоа време, тој го освои Купот на Италија и два Суперкупа.

По 23 одиграни натпревари сезонава Лацио во моментов е четврти во Серија А со 43 бода. Тимот на Инзаги се пласира во осминафиналето од Лигата на шампионите, каде ќе игра против Баерн.