Новиот договор на Маркус Расфорд беше официјално потврден од Манчестер Јунајтед.

Уште утрото медиумите на Островот раширија информации дека 21-годишниот напаѓач го продолжил договорот по неколкумесечните преговори, кои воопшто не беа лесни.

На крајот, договорот е веќе факт, а тој е до јуни 2023 со опција за дополнителни 12 месеци. Се тврди дека Рашфорд ќе добива над 200 000 фунти неделно, а при успешно покривање на условите за личните бонуси, платата може да достигне 300.000 фунти.

– Манчестер Јунајтед стана сè во мојот живот, откако дојдов тука на 7-годишна возраст. Овој клуб ме оформи како играч и личност и за мене секој пат кога го носам дресот, е привилегија. Сакам да им се заблагодарам на штабот и Оле за сè што направија за мене. Тие се совршена група од тренери, од кои можеш да учиш и да продолжиш со развојот. Ќе дадам се од себе за да помогнам за тоа клубот да се врати таму каде што е неговото место, и да ги донесеме успесите, кои навивачите ги заслужуваат, рече Рашфорд.

Според Солскјер, Рашфорд е еден од најталентираните англиски играчи од неговата генерација.

– Тој е неверојатен фудбалер, обдарен со брзина и енергија. Маркус е светол пример за талентите кои нашата академија ги произведува. Тој навистина разбира што значи да играш за Манчестер Јунајтед. Иако има 21 година, Маркус веќе поседува богато искуство. Му претстои фантастична иднина во клубот и јас сум многу среќен што потпиша нов договор, додаде менаџерот на тимот Оле Гунар Солскјер.