Од Кабинетот на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во врска со прашањето на Макфакс за коментар на посетата на косовскиот премиер Албин Курти на општините Чаир и Тетово велат дека оваа посета на премиерот на Косово е приватна.

– Во секој случај, Кабинетот на премиерот смета дека истакнувањето знамиња кои не се државните е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји. Воедно, видот на иконографија забележан на настанот во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво во земја членка на ООН и земја членка на НАТО и во таа насока ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот. Дополнително ве информираме дека од Кабинетот на премиерот во текот на денот е исконтактиран амбасадорот на Република Косово во РС Македонија, во врска со споменатата иконографија користена при приватната посета на косовскиот премиер на земјата, стои во известувањето од Кабинетот на премиерот.

Оттаму велат дека „за осуда е фактот што на настанот организиран на територија на РС Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме“.

– Посочуваме дека сите држави од регионот кои сакаат истиот да е просперитетен, економски развиен и интегриран во Европската Унија и кои сакаат да градат пријателски односи со своите соседи, треба со сите свои постапки да ги продлабочуваат пријателствата и меѓу државите и меѓу граѓаните, и да инсистираат на почитување пред сѐ на државните одбележја како и на мултикултурните специфичности на секоја од државите од регионот. РС Македонија како функционално мултикултурно и мултиетничко општество е пример за земја која ги почитува различностите и интензивно гради добрососедски односи со сите свои соседи, базирани на почитување и соработка која треба да придонесе кон понатамошен развој и на земјата и на регионот, велат од Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски.