Ја информираме јавноста дека во Република Македонија постојат механизми за проверка на финансиското работење на државните институции, а претседателот Иванов досега ги почитувал и во целост ги исполнувал пропишаните законски регулативи, се вели во реакцијата од Кабинетот на претседателот Ѓорѓи Иванов, на обвинувањата на СДСМ за нетранспарентно трошење пари.
– Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и понатаму, како и досега, ќе продолжи со транспарентно и отчетно раководење со доверениот буџет, што го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на Претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија. Кабинетот нема законска обврска да прифаќа дополнителни „алатки“. За нас е нејасно на кој начин може г. Роберт Поповски, министер без ресор, да наложува и бара од институцијата Кабинет на Претседател на Република Македонија да прифати вакви мерки, за кои веќе постојат механизми во Република Македонија, освен ако не се работи за популизам, што за Кабинетот на Претседателот е неприфатливо. Сметаме дека сè што треба да се направи е да се почитуваат и спроведуваат постоечките прописи, се вели во реакцијата.
Во контекст на тоа, од Кабинетот го посочуваат и извештајот на Центарот за економски анализи http://cea.org.mk/wp-
Од друга страна, се вели натаму во реакцијата, јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со непотпишувањето на Указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата со Грција.
– Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор, изјави претседателот Иванов на 13 јуни 2018 година во обраќање до нацијата.
Претходно СДСМ го обвини шефот на државата за нетранспарентно трошење на буџетот:
„Иванов треба пред граѓаните да одговори за што ги троши нивните пари. Зошто Иванов има потреба нешто да прикрива од оние што го плаќаат, од граѓаните? Граѓаните заслужуваат да имаат увид во трошењето на нивните пари од страна на избрани и именувани функционери. Одбивањето на Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење преку која граѓаните во секој момент ги имаат на увид информациите и податоците за трошењето на нивните пари е уште еден доказ дека Иванов не ги почитува граѓаните. За ова неодговороно однесување на Иванов граѓаните сами ќе ценат. Јасно е, целокупното делување на Ѓорге Иванов е во спротивност на интересите на граѓаните и државата“, се вели во обвинувањето од СДСМ за Иванов.