Во животот на секој човек има периоди кога мора да подголтне и да премине преку нешто. Ова особено се случува при раскинувањето на врските, период во кој секој си го покажува вистинското лице. Кога ќе ви текне колку време сте изгубиле обидувајќи се да ја вратите врската во колосек, за на крајот да сфатите дека работите изгледаат многу подобро кога би биле сами, едноставно се разочарувате. Тогаш зошто да си го трошите времето и енергијата на луѓе кои не ви влијаат добро? Но сепак, периодот после долга врска е многу тежок за оправување, па затоа треба мудро да ги донесувате одлуките, за побрзо да го пребродите.

Ова се 5 погрешни начини да го заборавите бившиот партнер и неколку алтернативни совети кои можат да ви помогнат.

Без брзање
Најлошото нешто кое може да ви се случи после раскинување на врска, е веднаш да се впуштите во нова. Точно е дека постојат луѓе кои едноставно не можат да бидат сами, но сепак треба да почекате некое време, да си ги средите мислите и чувствата, а кога ќе се чувствувате спремни, да тргнете во поход.

Одвојте време за себеси. Не дозволувајте да ве нападнат нови чувства во вашата емотивна каша. Нема потреба за брзање.

Не чувствувајте потреба за одмазда
Некои луѓе сметаат дека најдобриот лек е да се врати во иста мера. Па поминувате часови и часови, праќајќи нервозни СМС-пораки или префрлајќи си сè што ќе ви дојде на ум на телефон. Да, можеби ќе ви дојде супер да ја изнесете целата нервоза од вас, но дали тоа ќе промени нешто? Само ќе си дадете уште една нова причина за вознемиреност, а вашиот поранешен партнер ќе мисли дека сè уште има големо влијание врз вас.

Најдобрата солуција е да му дадете до знаење дека сте среќни без него, дури и да му простите за грешките кои ги направил.

Не обидувајте се да ја повторите историјата
Често се наоѓаме во ситуација кога си ги повторуваме грешките од минатото, мислејќи дека правиме нешто што е добро за нас. Сепак, на крајот повторно сме изиграни и повредени.

Престанете да ги споредувате сите останати со претходниот партнер и слободно впуштете се повторно во игра. Запомнете, никој не е ист.

Не изолирајте се од светот
Раскинувањето на долга врска може да ве натера целосно да се изолирате и да не сакате да сретнете никого. Во таква ситуација, секогаш барате решение во преокупирање со работни или домашни обврски, целосно пополнувајќи си го времето, за да не ви остане миг да помислите на проблемите. Нема ништо погрешно во таквото однесување, но кога-тогаш ќе мора да се соочите со вашите чувства.

Не кријте се од проблемите, туку соочете се со нив. Важно е да се борите и да продолжите здраво да си го живеете животот.

Заборавете на останувањето во контакт
Многумина сметаат дека е во ред да останат во контакт со своите поранешни партнери, без разлика за каков вид комуникација станува збор. Да, можеби не е лошо да останете пријатели, но што ќе се случи кога ќе почнат да се навраќаат спомени или кога едниот ќе продолжи да си го живее животот.

Вие треба да знаете што е најдобро за вас. Само имајте на ум, минатото треба да остане зад вас, целете кон иднината и гледајте само напред.