Предметите на СЈО може да преминат во Јавното обвинителство и за тоа има законска основа, смета академик Владо Камбовски, а професорот Гордан Калајџиев го тврди спротивното.

– Државниот јавен обвинител има овластување според уставната поставеност на Јавното обвинителство која е заснована на хиерархиска субординираност, да презема предмети од други обвинителства. Тоа решение треба да се реализира и според мое мислење предметите треба да се доделат на обвинителите од СЈО, рече Камбовски, кој учествува на консултациите во Министерството за правда за новиот закон за јавното обвинитѕелство..

Друга варијанта, според него, е Специјалното јавно обвинителство да се спои со Обвинителството за организиран криминал и корупција, да се избере нов специјален обвинител и СЈО да продолжи да ги води предметите.

Камбовски смета дека СЈО ја одиграло својата улога во еден транзициски период и отворило многу предмети, но сега со реформите во правосудниот систем, Јавното обвинителство се оспособува ефикасно да го гони криминалот и високата корпуција.

Решение е потребно бидејќи, посочува Камбовски, според Законот за СЈО, на 15 септември истекува мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е приведена, а само таа може да делегира и одзема овластувања на обвинителите во СЈО.

Но, според Калајџиев, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева нема овластување ниту во нормални услови, ниту пак сега кога е во притвор да ги делегира предметите од СЈО во друго обвинителство. Според Калајџиев, кој е дел од експертската работна група во Министерството за правда за Законот за ЈО, не постои интерес во земјава да има самостојна и независна институција за борба со корупција и оти очигледно ова е крај на СЈО.

-Таа овие предмети ги добила со закон и мора да ги работи. Во случајот има поднесено оставка и не може да се однесува во стилот после мене потоп. Можеше да се избере нов јавен обвинител, но најстрашно е што за такво нешто не постои интерес. Очигледно ова е крај на СЈО, не постои интерес во земјава да има самостојна и независна институција за борба со корупција. На крај мора да признам со жалење дека СЈО е само злоупотребено за да се бутне ВМРО-ДПМНЕ од власт, вели Калајџиев.

Според Калајџиев, СЈО може да довери некој предмет на друго обвинителство, но тоа би било еден конкретен предмет, а не сите.

-Никаде во законот не е предвидено СЈО да ги предаде сите предмети, особено не во ваква ситуација каде на Јанева практично и е завршен мандатот и каде нема политичка волја да се избере нов обвинител. Политичките партии треба да кажат зошто немаат интерес СЈО да продолжи да работи. Постои законска обврска три месеци пред истек на мандатот на Јанева да се избере нов обвинител. Тоа што таму негде се прави нов закон, не треба да ги спречи во почитувањето на оној закон што веќе е на сила, вели Калајџиев.

Според него СЈО е злоупотребно за политички потреби, односно да се собори претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.