Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 јануари.

Денеска е Обрезание Господово и Св. Василиј Велики.

Осмиот ден после раѓањето, Христос бил однесен во храмот и обрезан. Во Стариот завет со тоа се запечатувала припадноста на народот наследник на Божјите ветувања. Обрезанието инаку е праслика на тајната на крштението и како такво има значење и во новозаветната Црква. Овој празник се празнувал уште во првите векови на христијанството. Денес се слави и свети Василиј Велики, кој се упокоил на овој ден. Тој е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, завршил школа во Атина. Бил голем христијански философ, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење.

Се упокоил во 379 година.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Ивета.

Била родена во 1158 година, во Лиеж, Белгија. Господ не бил почитуван од нејзините родители, кои не ја воспитувале за Господ, туку за светот. На 15- годишна возраст се омажила, а потоа имала два сина. По три години нејзиниот маж умрел. Како вдовица почнала да му се моли на Господ и да се занимава со верата. Тежнеела за светиот живот и правела добри дела. После десет години почнала да се грижи за болните луѓе. Се молела за нејзиниот син кој живеел грешен живот, се додека не му се обратил на Господ. Умрела во 1228 година.