Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 2 февруари.

Денеска е Сретение Господово.

Празникот Сретение е еден од 12-те големи црковни празници, заедно со Рождество, Богојавление, Воскресение, и како и тие, има длабока спасителна смисла. Реалниот настан врз кој се темели длабоката содржина на овој празник е расказот за Симеон, кој по неговата средба со Бога беше наречен Богопримец. На овој старец преку ангел му било кажано дека нема да умре дури не го види ветениот Помазаник, Месијата. На неговото чекање доаѓа крај 40 дена по раѓањето на Исус Христос. Според Мојсеевиот закон, во тој ден секое првородено машко дете се носело во Ерусалимскиот храм. На тој ден, во храмот, се случила средбата на свети Симеон и Богочовекот Исус Христос, и тоа е првата средба лице в лице на човекот со Бога. Длабоката смисла на овој празник се состои токму во таа оттогаш отворена можност за општење со наднебесниот Бог лице в лице.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Клаудиј Ла Коломбиер.

Бил роден во 1641 година, во Франција. На 17-годишна возраст стапил во редот на Христос во Авињон. Поради големата способност за класичната наука, а по налог на своите поглавари, во 1676 година отишол во Лондон за да стане проповедник во дворот на војвотката од Јорк. Покрај проповедувањето во капелата, тој им давал верска поука на оние, кои под влијание на Хенрик Осми ја напуштиле католичката црква. Поради тоа, во 1678 година бил затворен и обвинет за вмешаност во „папистичкиот” заговор против Англија. Поради лошото здравје, бил пуштен од затворот и протеран од Англија. Умрел во 1681 година.