Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 21 август. Денеска е Св. маченица Васа Солунска.

Васа беше жена на некој идолски жрец, но истовремено и тајна христијанка. Таа и своите синови ги воспита во Христовиот дух. Нејзиниот маж ја намрази поради тоа и ја предаде заедно со синовите на локалниот судија. Тука беа погубени нејзините синови, а самата Васа се овенча со маченички венец на некој остров во Мраморното море.

Света Васа и нејзините синови пострадаа за време на римскиот император Максимијан.

Според Католичкиот календар денеска е Св. Гргур Велики.

Бил роден во Рим, во 540 година. Како млад ги вршел службите во царскиот дворец. Се одрекол од службите во градскиот перфект и живеел монашки живот во заедницата на свети Бенедикт. Подоцна станал ѓакон, а во 590 година бил избран за папа. Им помагал на сиромашните и ја ширел христијанската наука. Пишувал книги за христијанскиот морал и теологија. Свети Гргур Велики умрел во 604 година.