Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 5 ноември. Денеска е Св. маченици Галактион и Епистима.

Потекнуваа од Едеса Феникиска. Кога Галактион стаса за женење, татко му го сврши за некоја девојка Епистима. Меѓутоа, тие продолжија да живеат девствено и наскоро се повлекоа на гората Пуплион, Галактион во машки, а Епистима во женски манастир, и многу напреднаа во доблесниот живот.

Повторно се видоа дури пред смрт. Зашто во тоа време дојде до големо гонење на христијаните, па и Галактион и Епистима беа ставени на маки. Им ги отсекоа рацете и нозете и најпосле ги погубија.

Нивните тела ги зеде и ги закопа некој Евтолиј, кој прво беше слуга кај родителите на Епистима, а подоцна монахуваше заедно со Галактион. Ова се случи во 253 година.

Според Католичкиот календар денеска е Благословени базилики на Св. Петар и Павле.

На денешен ден се слави споменот кога биле благословени црквите Свети Петар во Ватикан, во која се наоѓа гробот на Свети Петар и црквата на Свети Павле на Остијската улица во Рим, каде што му била отсечена главата на Свети Павле. Кога се слави овој ден, луѓето се потсетуваат, дека главната црква каде живее Светото Тројство, е нашата душа која треба да биде чиста од гревови и полна со добри дела и молитви.