Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 19 ноември.
Денеска е Св. маченик Варлам и св. пророк Авдиј.
Свети Варлам беше Антиохиец. Заради верата во Христос како Бог, беше изведен пред суд и мачен. Најпосле, мачителите на дланката му истурија жар, а одозгора ставија темјан, сакајќи да го натераат да го фрли жарот со темјанот пред идолите, па така да го натераат да ги окади.
Но, Варлам долго го држеше жарот во дланката, додека дланката сосема не му изгоре. Потоа, свети Варлам издивна од големата болка и го прададе својот дух на Бога. Пострада во 304 година.
Денес Црквата го слави и свети пророк Авдиј, кој живееше 900 години пред Христос.
КАТОЛИЧКИ КАЛЕНДАР: Денеска е Благословен Иван Рајсбрек.
Бил роден во 1293 година, во Фландрија, во местото Рајсбрек кај Брисел. Господ го надарил со големи способности и со желба за знаење. Ја сакал филозофијата и теологијата. Станал свештеник, а потоа и поглавар на својата заедница.
Како поглавар, бил пример на понизност на покорност, извршувајќи ги во манастирот и „најниските” работи. Луѓето доаѓале кај него на духовни разговори и за совети. Рајсбрек се вбројува меѓу поетите мистици. Не се плашел од смртта, туку со радост и копнеж, и одел во пресрет.