Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 26 февруари.

Денеска е Св. Порфириј епископ на Газа.

Порфириј се родил во Солун. Живеел во четвртиот век. Откако го засакал подвижничкиот живот, на 20-годишна возраст отишол во Египет и се замонашил. Подоцна подвигот го продолжил во Палестина.

На чудесен начин бил избран за епископ на Газа, во време додека се наоѓал на служба како свештеник во црквата на гробот Господов. Во Газа управувал со Црквата 25 години во многу тешки услови. Се упокоил во 401 година.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Четириесет маченици.

За време на прогонствата на царот Луциниј овие луѓе не сакале да се откажат од верата и умреле во вода која се замрзнувала. Мачеништвото се случило во 320 година, во Себасти во Мала Ерменија. До замрзнатиот базен бил подготвен и базен со топла вода за да ги намами оние кои не можеле да ги издржат маките. Еден човек преминал во топлата вода, но поради наглите промени веднаш умрел. На неговото место меѓу мачениците се нашол чуварот претставувајќи се како христијанин. Фактот дека за ова мачеништво пишувале свети Базилиј и свети Гргур Назијански, покажува оти тоа мачеништво воодушевило многу луѓе.