Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 14 август. Денеска е Св. пророк Михеј.

По род бил од Јудиното племе, од селото Мориси. Современик е на пророците Исаија, Амос и Осија (осмиот-седмиот век). Ги разобличувал пороците на својот народ, лажните пророци, ја претскажал пропаста на Самарија, како и на Ерусалим, за кој вели дека ќе пропадне зашто неговите старешини земаат мито, свештениците учат за плата, а неговите пророци гатаат за пари.

Од сите пророштва најважно му е пророштвото за местото каде ќе се роди Месијата, во кое вели: А ти, Витлееме, по ништо не си помал од Јудините кнежевства; од тебе ќе излезе оној кој ќе владее со Израилот и чие потекло е од оној крај на времето, од вечните денови. Не се познати околностите во кои го завршил животот.

Неговите мошти се пронајдени во времето на цар Теодосиј Велики, според откровението што му беше дадено на Елевтерополскиот епископ Зевин.

Според Католичкиот календар денеска е Св. Моника.

Била родена во 332 година во Тагаста во Северна Африка. Била воспитана во христијански дух. Бидејќи во тоа време имало малку христијани, христијанските девојки се мажеле за момчињата кои биле безбожници. така Моника се омажила за поганинот Патрициј. Нивниот син Августин бил грешник. Затоа, Моника се молела и вршела дела со христијанско милосрдие. Таа била пример за добра мајка. Се молела и живеела крепосен живот. Света Моника умрела во 387 година.