Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 12 декември.

Денеска е Св. Спиридон Чудотворец.

Свети Спиридон живеел во четвртиот век на островот Кипар. Родителите му биле прости луѓе и тој од младоста чувал овци. Кога му дошло времето, се оженил, но наскоро останал вдовец, па целиот свој имот почнал да го користи за да им помага на бедните. Подоцна бил избран за епископ во кипарскиот град Тримитунт. Господ го прославил овој чудесен човек со даровите на чудотворство и прозорливост. Откако добро и послужил на Црквата, се упокоил во 350 година. Неговите мошти се пренесени во седмиот век во Цариград, а во времето на турското освојување биле пренесени на грчкиот остров Крф.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Божик – Раѓањето Христово.

Со овој празник го славиме раѓањето на Синот Божји, неговото доаѓање на земјата и љубовта која го принудила да го земе човековото тело, да ги живее на земјата сите несреќи на човековата судбина и да го даде својот живот за нас. Затоа човечкиот род го слави Божик веќе со векови. Секој ден со нас и по нас, расте бројот на оние кои молат и пеат: “Слава му на Господ за мирот на луѓето со добра волја на земјата”. Среќен Божик!