Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17 август. Денеска е Св. свештеномаченик Мирон.

Свети Мирон беше свештеник во некое место во Ахаја (Грција). Потекнуваше од виден и богат род. Се одликуваше со особено благиот карактер. Во 250 година, за време на прогоните на христијаните при владеењето на римскиот император Декиј, на денот на Христовото раѓање и додека презвитерот Мирон служеше во црквата, се втурнаа внатре римски војници, го извлекоа од црквата и тука, на самото место, го ставија на страшни маки.

А потоа свети Мирон беше пренесен во градот Кизик и обезглавен.

Според Католичкиот календар денеска е Благословена Маргарета Вард.

Живеела во 16 век во Конглетон, во Англија. За време на прогонствата на католиците во Англија кои ги спроведувале англиските кралеви, повеќемина бискупи, свештеници и верници ги загубиле животите. Така Маргарета била жртва на прогонот кој го спроведувала кралицата Елизабета. Маргарета ги посетувала свештениците во затворите и поради тоа била изложена на мачеништва. Од неа барале да се откаже од католичката вера. Умрела во 1588 година жртвувајќи се за католичката вера од која не се откажала.