Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 27 јули. Денеска е Св. великомаченик Пантелејмон.

Свети Пантелејмон се роди во Никомидија од татко незнабожец, Евсторгиј, и мајка христијанка, Евула. Во младоста ја изучи лекарската вештина. Подоцна поверува во Христа и се крсти. Господ му имаше дадено голема благодат да лечи од секакви болести, не само користејќи ја лекарската вештина, туку и со силна молитва.

Така излечи и еден слепец од кого сите лекари веќе беа дигнале раце. А тоа ги побуди истиве, поради нивната завист, да го обвинат пред властите како христијанин. Свети Пантелејмон беше ставен на маки, а откако стана јасно дека ништо не може да го поколеба во верата во преслаткиот Господ го испратија на губилиште, под некое маслиново дрво. Тој клекна на колена, се помоли на Бога, а потоа му беше отсечена главата.

Пострада во 304 година. Чудотворец во текот на животот, тој продолжи да исцелува и преку неговите свети мошти кои се зачуваа.

Според Католичкиот календар денеска е Св. Емигдиј.

Потекнувал од Триер. Бил христијанин. Морал да побегне во јужниот дел на Италија и отишол во Милано, каде бискупот свети Матерно го назначил за свештеник. Потоа заминал во Рим каде папата го просветил за бискуп и го испратил во Асколи. Свети Емигдиј умрел како маченик во 303 година.