Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 15 август.

Денеска е Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица.

Од повеќето празници посветени на пресвета Богородица овој е еден од најзначајните. Затоа народот овој празник го нарекува уште и Голема Богородица. Во македонските цркви и манастири можат да се сретнат прекрасни претстави на настанот што црквата го слави денес. Обично се наоѓаат над влезната западна врата на црквата. Инаку, самиот збор успение значи заспивање; поинаку кажано, не се слави смртта, туку вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта. Се слави нејзиното заспивање, бидејќи таа не помина низ смртта како враќање на правот на правот. Веднаш по нејзината смрт таа е земена на небото во Христовите прегратки, вознесена е заедно со телото и станува прв и најголем застапник на луѓето пред Бога.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Августин.

Бил роден во Тагаста, во 354 година. Сакал да стане говорник. На 16-годишна возраст поради недостаток на пари го напуштил школувањето и почнал да живее скитнички живот. Поради желбата за школување дошол во Милано. Неговата мајка го замолила да го остави грешниот живот. Во 387 година, во Милано бискупот Амброзиј го покрстил. Кога се вратил во татковината бил избран за хипонски бискуп. Свети Августин умрел во 430 година.