Ако дадеме глас за доверба на владата, тоа е како да го поддржуваме Договорот од Преспа, рече претседателот на Независни Грци кој на прес-конференцијата веднаш по средбата со Алексис Ципрас соопшти дека тие нема да гласаат за поддршка на владата, јави дописничката на МИА од Атина.
– Во конкретниот момент кога се поставува прашањето за доверба за владата, но во суштина јасно се крие прашање за доверба за Договорот од Преспа, со тежина на срцето, велиме „не”. Велиме „не” тие што ќе останеме во овој обид, рече Каменос.
Лидерот на Независни Грци уште еднаш го повтори неговиот став дека тие не можат да поддржат и не се согласуваат со решение што го содржи терминот Македонија, но повторно го спомена и неговиот предлог и во Грција да се одржи референдум, односно како пример рече, заедно со евроизборите да има една гласачка кутија плус за Договорот од Преспа.
Во однос на Договорот од Преспа, Каменос рече дека не е ништо друго освен прелиминарен договор, што е противуставен, бидејќи не е потпишан од претседателот.
– Сега грчкиот парламент е повикан да ратификува еден прелиминарен договор, бидејќи конкретниот договр не е ништо друго освен прелиминарен договор и секако различен од оној до кој стигнаа, кое што ја прекршува содржината на самиот Договорот од Преспа, бидејќи од страна на Скопје не е завршена уставната обврска од претседателот на земјата. Тоа е непотпишан текст, рече Каменос и објасни дека договорот бил против уставен бидејќи министерот за надворешни работи немал право со негова согласност да отстапи национален суверенитет.
На прашањата на дописничката на МИА од Атина, која е неговта проценка дали Договорот од Преспа ќе помине во грчкиот парламент, Каменос не даде јасен одговор, додека во однос на тоа дали Независни Грци би го поддржале протоколот за наше членство во НАТО, кусо и категорично одговори „не”.
– Се додека нашите соседи не сфаќаат дека со тоа што ја провоцираат Грција, единствено што ќе добијат е да се изолираат, 100 договори и да се направат, ќе треба да сфатат дека Александар Велики кога ги победи Персијците не ги направи Македонци, останаа Персијаци. Ќе треба да сфати и словенското население во Скопје и албанското население во Скопје, ние сакаме да постоиме заедно со нив, но за да се случи ова, ќе треба да ја заборават провоцирачката линија која многу години им ја пренесуваа Мусолини и Тито и да сфатат дека Грција е пријателска земја, која не преговара ниту за нејзината историја ниту за нејзиното име, рече Каменос, одговарајќи на прашањето на МИА кое се однесуваше на неговата проценка за тоа дали Договорот од Преспа сепак ќе биде ратификуван во грчкиот парламент, но не да даде конкретен одговор.
Во однос на тоа која ќе биде позицијата на Независни Грци кога грчкиот парламент ќе гласа за протоколот за членство во НАТО, Каменос одговори дека тие велат „не”, бидејќи „тие нема да прифатат никаков Договор што го содржи терминот Македонија”.
На прес – конференцијата одржана во хотел во центарот на Атина, присутни беа четворица пратеници на Независни Грци, а отсуствуваа министерката за туризам, Елена Кундура и заменикот министер за земјоделство Василис Кокалис.