Лидерот на националистичката партија Независни Грци (АНЕЛ) утрово рече дека нема да поддржи никаков договор меѓу Атина и Скопје ако во него се спомнува името „Македонија“.
Панос Каменос, министер за одбрана, исто така истакна дека во моментов „не планира да ја доведе во ризик кревката владина коалиција“.
Во обраќање од прес-конференција во Атина претпладнево Каменос рече дека нема да подржи сложено име со терминот „Македонија“, но и дека ја одржува „блиската соработка“ со премиерот за прашањето за името.
Каменос додаде дека ќе помине повеќе од една година додека договорот меѓу премиерите на Грција и на Македнија да се стави на гласање во грчкиот парламент, додека Скопје ќе треба исто така предлогот да го стави на гласање во Собранието како и да го стави на референдумско изјаснување. Тој притоа испрати порака до своите партиски членови што се во парламентот дека доколку го поддржат договорот, автоматски ќе бидат избркани од партијата.
„Сегашниот договор кој се договора меѓу Ципрас и премиерот на ПЈРМ, Заев никогаш нема да биде потврден на референдум во ПЈРМ или од законодавците“ рече Каменос кој додаде дека се уште е далеку решението за деценискиот спор.
Инаку, денешниот телефонски разговор Заев-Ципрас е малку одложен, зашто македонскиот премиер, според грчката ТВ Скај планира телефонски да разговара со медијаторот Нимиц, па потоа да ја повика Атина.
Во меѓувреме, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос денес треба има средба со лидерот на опозциската Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, за да слушне која е неговата позиција за договорот.