Македонските граѓани со засилено темпо почнаа да ги слушаат пораките од кампањата „Излези ЗА европска Македонија“ за референдумот закажан за 30 септември на коалицијата која ја сочинуваат 30 политички субјекти и стотина различни организации. Кампањата денеска продолжува со дебати во Дојран и во Валандово, а синоќа коалицијата „Заедно за европска Македонија“ своите ставови ги претстави пред граѓаните на Кочани и Штип.
Владини претставници, предводени од премиерот Зоран Заев и претставници на политичките партии се постојано на терен меѓу граѓаните, а не изостануваат и средба со странски претставници и учество на меѓународни конференции. Интензивна кампања за успех на референдумот има и на социјалните мрежи.
„Македонија во измината година има направено многу големи чекори напред. Напредните сили решија тешки прашања како спорот со името, со цел на земјата да и се обезбеди просперитет. Придобивките од членство во ЕУ и НАТО се огромни и за државата и за граѓаните и затоа тие треба да се искористи моментот“, ова беа дел од ставовите на учесниците на Меѓународната конференција „Македонија гледа напред: мигот е да се фати возот за ЕУ“.
– Со договорот со Бугарија, и еве сега со договорот со Грција испраќаме сериозни пораки дека европскиот дух и вредности опстојуваат и овде во Западен Балкан, за да испратиме порака на надеж за добри перспективи, рече на конференцијата премиерот Заев.
Пред Македонија и граѓаните е период во кој треба да донесат сериозни одлуки, кои како што кажа, не се лесни, но, сепак, потенцира, и гарантираат сериозна иднина и на Македонија и на Регионот.
Ернст Штетер, генерален секретар на Фондацијата за Европски прогресивни студии рече дека покрај се што било направено во изминатиот период многу важен чекор била храброста да се реши спорот за името.
– Процесот на преговори за името е чист доказ како може да се постигне договор кога се има политичка волја и лидерство, дури и за најтешките прашања. Напредните сили успеаја да решат спор кој траеше многу години. Сега е вистинска можност за Македонија и моментумот мора да се искористи. Европската иднина мора да биде приоритет, рече Штетер.
Со ваквиот став се согласи и Марија Жоао Родригес претседател на Фондацијата, посочувајќи притоа дека во вакви историски моменти е потребно единство на сите субјекти и на граѓаните. – Сакаме Македонија да биде полноправна членка на ЕУ, додаде тој.
Премиерот Заев од оваа конференција ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да овозможи успешен референдум за, како што рече, успешна иднина на заедничката држава. Потребно е единство, потенцира Заев, додавајќи дека може опозицијата и власта да се различни и да не се согласуваат по многу прашања, но оти во историски моменти сите треба да застанат заедно бидејќи државата нема друг алтернативен пат.
– Како премиер имам мандат до 2020 година. Ако референдумот падне и не успее ние веројатно завршуваме со политиките овде. Но, зошто би ни била потребата од владеење кога ни нема иднина државата. Оттука ги црпам ставовите за одговорноста на сите главни политички чинители политички во државата вклучително и ВМРО-ДПМНЕ дека мора да се застане во обезбедување просперитетна иднина на РМ, рече Заев.
Затоа јас, наведе Заев, можеби наивно, но верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се вклучи во успешноста на референдумот, дека ќе изнајде начин, и оти мора да изнајде начин.