Премиерот на Канада, Марк Карни денеска пристигна во ненајавена посета на главниот град на Украина, Киев.
– На Денот на независноста на Украина, во овој критичен момент во историјата на нивната земја, Канада ја засилува својата поддршка и напори за праведен и траен мир, објави Карни на платформата Икс.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, ја поздрави посетата на канадскиот премиер.
– На овој посебен ден – Денот на независноста на Украина – особено е важно за нас да ја почувствуваме поддршката од нашите пријатели. А Канада секогаш стои покрај нас, наведе Јермак на Телеграм.
Канадскиот Парламент и Влада синоќа беа осветлени со жолта и сина боја, боите на украинското национално знаме, во знак на солидарност со Украина.
Кабинетот на Карни претходно најави дека тој од утре до 27 август ќе ги посети Полска, Германија и Летонија.
И американскиот државен секретар Марко Рубио го честиташе Националниот празник на Украина.
САД се посветени на иднината на Украина како независна нација, наведе Рубио, додавајќи оти Вашингтон верува дека „ќе биде постигнат договор што ќе го поддржува суверенитетот на Украина и ќе ја осигури нејзината долгорочна безбедност, а тоа ќе доведе до траен мир“.
Денеска се навршуваат 34 години од едногласното усвојувањето на Декларацијата за независност од тогашниот Сојуз на советски републики (ССР) од страна на Врховната рада. Декларацијата е политички и правен документ со кој се формализираше новиот статус на Украина, кој на 1 декември 1991 година беше потврден на референдум, на кој 90,32 проценти од граѓаните ја поддржаа независноста. ми/
фото: ЕПА