Раперот Канје Вест уште еднаш потврди дека е меѓу најголемите поддржувачи на американскиот претседател Доналд Трамп, за време на неговата вчерашна посета на Белата куќа, на која го привлече вниманието со 10-минутниот говор, како и со своето однесување во овалниот кабинет, пренесува „Њујорк пост“.
Познатиот музичар го пофали американскиот претседател, но користеше и пцости, додека одредени делови од неговиот говор беа неразбирливи за присутните, оставајќи ги без зборови.
– Да престанеме да се грижиме за иднината, се што имаме е денес. Трамп сега е на неговото херојско патешествие. Тој можеби никогаш не помислил дека ќе има лудак како мене во Белата куќа – кажа Вест кој во еден момент го прегрна Трамп.
Гостинот во Белата куќа истакна дека црвената капа со слоганот на претседателската кампања на Трамп, „Да ја направиме Америка повторно голема“, што ја носеше на средбата, му дава моќ.
– Се обидоа да ме исплашат, за да не ја носам капата. Но оваа капа ми дава моќ, на некој начин – кажа Вест.
Раперот даваше бизнис совети и му посочи на Трамп дека треба да „се ослободи од претседателскиот авион „Ер форс 1“.
Вест, кој беше меѓу гостите на работна вечера во Белата куќа, порача и дека не страда од биполарно пореметување, како што претходно објавија медиумите.