Со премиерата на комедијата „Мртвите не умираат“ на американскиот режисер Џим Џармуш, синоќа беше отворен 72. Меѓународен филмски фестивал во Кан.
Жирито овојпат го предводи мексиканскиот режисер и оскаровец – Алехандро Ињариту.
Во зомби-комедијата, глумат Адам Драјвер, Бил Мјури и Тилда Свинтон.
Отворањето на Фестивалот го обележа и страсниот говор на Ињариту за плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за изградба на ѕид на границата со Мексико, индиректно споредувајќи ги со нацистичката реторика од 30-тите години во 20 век.
Забележтелно беше и празното столче со натпис „Агнес В” (за Варда), во чест на француската филмска режисерка родена во Белгија, која почина во март годинава, на 90 години. На отворањето беше изведена и песната „Without You“ од нејзиниот филм „Клео од 5 до 7″.
Свое деби на фестивалот ќе имаат и филмот на Квентин Тарантино – „Си беше еднаш во Холивуд“, како и биографскот филм за Елтон Џон, „Рокетмен“.
Лани во Кан, 82 жени протестираа поради нееднаквост на половите на славниот фестивалски црвен тепих, поради што уметничкиот директор Тјери Фремо вети поттикнување полова рамноправност.