Владата не работи ништо, за 7 месеци реализирале само 30 отсто од планираните капитални инвестиции, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
-Нема нови патишта, нема нови училишта, болници или други капитални проекти. Најголема реализација на капиталните инвестиции од сите буџетски корисници има Агенцијата за разузнавање со над 98% реализација. Ова е показател дека власта ништо не работи само пари троши на неважни работи. Од 96 буџетски корисници дури 16 институции имаат 0% или блиску до 0% реализација на капиталните инвестиции. Околу 30 од институциите имаат реализација под 10%. Институциите кои треба да имаат реализација на капитални инвестиции немаат. Дополнително загрижува фактот што во ставката на капитални инвестиции се засметани и купувањето на мебел и луксузни добра кои не им се од полза на граѓаните, туку на функционерите, се наведува во соопштенито.
Натаму во истото се додава:
-И додека реализацијата на капиталните расходи потфрла, тековните расходи се реализираат сосема непречено. Платите и надоместоците се реализирани со 57%, трансферите со 55%. Заклучно јули владата направила дефицит, односно буџетска дупка, од 306 милиони евра. Ова се пари кои се покриваат со нови задолжувања. А секое ново задолжување е се поскапо. Тоа го потврдува и листата на Стандар и Пурс каде Македонија е рангирана како високоризична земја и опишана под поимот ѓубре. Ваквата оценка на Стандард и Пурс кажува дека Македонија се наоѓа пред период кога отежнато ќе ги враќа своите долгови. Власта мора да одговори каде завршиле овие пари, а немаме капитални инвестиции? Кој и како ги троши парите на идните генерации? Време е да се стави крај на расипништвото. Време е за промени. Време е за Македонија за сите луѓе, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.