Угостителите и туристичките работници реагираат за рестриктивните мерки што ги донесе Владата по препорака на Комисијата за заразни болести. Вчера се пожалија и трговците. Укажаа дека трговските центри се речиси празни, дека нивната посетеност во споредба со минатиот месец е намалена за 60 отсто, како и дека бележат пад на прометот за 40 проценти.

Бизнис секторот укажува дека мерките се преостри, дека се донесени без најави, но и без консултации со нивни претставници.

Според трговците, можеби треба да се размисли за нова мерка – посетителите во затворените молови да влегуваат со негативен брз тест, како во поголемите европски земји. Во спротивно, ако мерките не се ревидираат, дуќаните ќе почнат да размислуваат за клуч на врата.

-Максимално ги поддржуваме напорите на институциите да се изборат со вирусот, но сметаме дека мерките се остри.  Само за еден месец приходите на продавниците се намалени за 30 до 49 проценти, а токму тие вложија големи напори да ја одвиваат својата работа по прописи. Можеби треба да се најдат други начини кои би ги охрабриле граѓаните да се вакцинираат или да овозможат брзи тестови со ниски цени, реагираа од Сити Мол и како пример ги посочија земјите во регионот каде нема ограничувања за влез во трговските центри.

Трговските центри, како што посочија, не може да сносат вина за ниските стапки на вакцинирање од една страна, и за масовноста и агресивноста на делта-сојот и сѐ поголемите бројки на заразени, од друга страна.

Пред два дена реагираше и Стопанската комора за туризам (СКТМ), предупредувајќи дека новите КОВИД-мерки ќе го усложнат патувањето и ќе го отежнат престојот на македонските граѓани во странство. Комората побара измена на условите за влез во државата – на македонските граѓани кои ќе бидат упатени во домашна изолација да им се дозволи во рок од 24 часа да извршат тестирање во домашна лабораторија и доколку имаат негативен резултат да бидат ослободени од самоизолација.

Ваквото барање е доставено до министерствата за здравство и за економија.

– Напоменуваме дека во светот се реализираат голем број патувања во многу дестинации и дека со почитување на досегашните протоколи (одржување физичка дистанца, носење заштитна маска и хигиена) во многу туристички дестинации непречено и безбедно се одвиваат економските активности. Се надеваме и очекуваме одговорните институции да го прифатат нашиот предлог и да го олеснат патувањето на нашите граѓани во странство, односно враќањето во матичната земја, наведе СКТМ.

Стопанската комора на Македонија, пак, достави седум предлог-мерки за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор до кабинетите на вицепремиерот Фатмир Битиќи и министрите за економија и за здравство, Крешник Бектеши и Венко Филипче. Комората минатата недела официјално побарала и работна средба со Битиќи, Бектеши и Филипче на која би станало збор за функционалноста на компаниите кои ги спроведуваат и почитуваат мерките, но и за други, дополнителни мерки, односно за проширување на актуелните. Треба да се овозможи, смета Комората, предвидливост во периодот што следува, особено за угостителството и туризмот.

Во однос на реакциите, конкретен став соопшти Битиќи, но само за угостителите. Донесената одлука, рече, е по препорака на Комисијата за заразни болести.

-Препораката на Комисијата за заразни болести беше единствениот критериум за владината одлука да се дозволи угостителските објекти повторно да можат да работат во затворените простори со 30 отсто од капацитетите. Ние ги следиме упатствата на Комисијата и секоја нејзина препорака се разгледува на Главниот кризен штаб и на Влада и потоа, се носи како одлука. Не можам да кажам која е епидемиолошката причина зошто тоа се дозволи, но тоа беше препорака од Комисијата за заразни болести и така се постапи, рече Битиќи.

Според него, остануваат во сила и другите мерки – влезот во угостителските и во другите затворени објекти да биде со сертификат за вакцина и со доказ за прележан КОВИД не постар од 45 дена.

-Тоа е одлука на Комисијата за заразни болести. Јас ги почитувам нивните одлуки и не можам да се мешам во нив. Навистина сметам дека треба да имаме разум во одреден временски период. Дополнителното ПЦР тестирање во овој момент нема да го зголеми бројот на посетители зашто сите се свесни дека тоа е општ проблем во општеството и дека луѓето не се склони да го трошат своето време во угостителските објекти и здравјето им е пред се, посочи Битиќи и додаде дека ќе биде првиот што ќе поддржи лицата кои прележале КОВИД пред шест месеци да ги посетуваат угостителските објекти  во моментот кога Комисијата за заразни болести ќе каже дека тоа е возможно.