Претседателот на Движење Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами за писмата кои Али Ахмети ги праќа до премиерот и до странски политичари оцени дека не се во интерес на граѓаните. Касами му порача на Ахмети да работи на реформи во неговата партија ДУИ.
– За жал Али Ахмети не работеше во интерес на граѓаните ниту кога беше во власта, ниту сега кога е во опозиција. Тој место да работи во реформирање на неговата партијата и да се спреми за следните избори, како што имаше доволно време кога беше дел од власта, за да се занимава со работи кои не беа негови, наместо да работи за граѓаните и сега во опозиција наместо да се занимава со работи кои се својствени за опозициона партија, тој има време за жал да пишува писма. Во време кога тој пишува писма ние реализираме проекти во интерес на граѓаните и на локално и на централно ниво, истакна Биљал Касами од Тетово.
Според лидерот на Движење Беса, статусот на Албанците не е загрозен, како што вели Ахмети во писмата.
– Го уверуваме и Ахмети и сите граѓани во оваа држава дека нема има уназадување на правата на Албанците и ние како коалиција ќе работиме за подобрување на животот на сите граѓани и за нас е важно Македонија да оди напред и меѓуетничките односи но и правата на сите граѓани и животот на сите граѓани да биде унапреден. Со тоа ние на дела покажуваме дека работиме во интерес на граѓаните, рече Касами.
Биљал Касами смета дека оваа Влада повеќе работи на реализирање на Коридорот 8.
– Цело време се жалеа во делот на Коридор 8, видовте дека вчера премиерот, министрите, заедно со амбасадорката на САД излегоа на терен и укажаа дека тоа што претходна Влада само декларираше дека ќе се работи во делот на Коридор 8, веќе и граѓаните се сведоци дека сега интензивно се работи за тој коридор. Тоа што Ахмети ветуваше и не реализираше, ние сме сега спротивно на тоа. Ние реализираме и повеќе од тоа што сме ветувале, истакна Касами.
Во Тетово како градоначалник Касами промовираше новоуреден паркинг за станари во Урбан блок 100.