Лидерот на грчката опозициска СИРИЗА Стефанос Каселакис денеска и утре ќе биде во Палестина, а како што соопштија од партијата, ќе ги посети Ерусалим, Витлеем и Рамала, каде, меѓу другото, ќе оствари средби со членовите на Владата на палестинската управа, со претставници на Палестинска ослободителна организација, како и со патријархот Теофил Трети, јави дописничката на МИА од Атина.
Каселакис ќе биде придружуван од секретарката на СИРИЗА, надлежниот за одбрана и надворешни работи, како и дипломатскиот советник.
Секретарката на СИРИЗА Рања Свигу утрово на Фејсбук напиша дека „наскоро започнува историско патување“ и истакна дека во Палестина ќе ја пренесат пораката „за солидарност и поддршка до палестинскиот народ во име на СИРИЗА и грчкиот народ, за да запре хуманитарната трагедија, да се ослободат заложниците, да има прекин на огнот, за да победат мирот и правдата“.