Бразилската Влада вети дека ќе одвои околу девет милијарди евра за обнова на државата Рио Гранде до Сул, регион опустошен од невидените поплави, а се очекуваат и нови дождови.
Најмалку 107 луѓе загинаа, 754 се повредени и 134 се водат како исчезнати по поројните дождови што го зафатија јужниот регион цела минатата недела, според синоќа објавениот извештај на Цивилната заштита.
Околу 1,7 милиони луѓе се погодени, а повеќе од 327.000 се евакуирани поради природната катастрофа што експертите и Владата ја поврзуваат со климатските промени. Додека спасувачките тимови се уште се борат да ги спасат жителите и животните заробени во водата, шефот на државата Луис Инасио Лула да Силва претседаваше со состанокот во Бразилија на кој се разговараше за одговорите на трагедијата.
„Федералната влада одлучи да внесе ресурси од околу 50 милијарди реали (околу девет милијарди евра) во Рио Гранде до Сул“, објави министерот за финансии Фернандо Хадад.
Овие поплави го зафатија главниот град на државата Порто Алегре и неговите 1,4 милиони жители, но и повеќе од 400 места во регионот. Оштетени или уништени се околу 60.000 домови. Спасувачките тимови вчера ја продолжија потрагата по луѓе кои се заробени во нивните домови или не сакаат да заминат поради страв дека ќе бидат ограбени.
Фото: ЕПА