Најмалку 25 лица загинаа при налетот на тајфунот Мангхут, кој изминативе два дена ги погоди Филипините, предизвикувајќи свлечишта и поплави, првенствено во северните делови на земјата.

Советникот на филипинскиот претседател Родриго Дутерте, Френсис Толенто информира дека вкупно 20 од жртвите загинале во регионот Кордилера на најголемиот филипински остров Лузон, а уште четири во соседната провниција Нуева Вискаја.

Извршниот директор на Националниот совет за управување со кризи, Рикардо Џалад вчера соопшти дека само во Кордилера се пријавени над 40 случаи на лизгање на земјиштето.

– Спасувачките екипи постојано пријавуваат нови штети предизвикани од тајфунот, посочи Џалад.

Поплави се регистриран и во делови на Манила, а поради тајфунот над 100.000 се сметени во прифатни центри.

Во моментот кога Мангхут во петокот ги погоди Филипините, во неговото жариште дуваа ветрови со брзина и до 305 километри на час. Подоцна движејќи се над Филипините кон јужна Кина и Виетнам, брзината на ветровите во неговото жариште опадна на околу 170 километри на час, со повремени налети до 260 километри на час.

Како што јави ДПА, тајфунот сега се движи кон запад и во текот на денот се очекува да ги погоди крајбрежните региони на југоистична Кина, вклучлително и автономните региони Хонг Конг и Макао.

Во очекување на налетот на Мангхут, властите спроведоа евакуација на десетици илјади лица од овие подрачја, откажани се голем број летови, а редуциран е и јавниот транспорт.

Најмалку осум лица загинаа при налетот на тропската бура Флоренс, што ги погоди американските сојузни држави Северна и Јужна Каролина, соопшти Националниот центар за урагани на САД.

Бурата предизвика големи полави во делови на Северна и Јужна Каролина, примнудувајќи најмалку 20.000 лица да ги напуштат своите домови.

Во акциите за помош на настраданите се вклучени припадници на Маринскиот корпус, крајбрежната стража и цивилната заштита, како и голем број доброволци.

Гуверенерот на Северна Каролина, Рој Купер изјави дека Флоренс продолжува да „истура монументални количества на дожд“, иако нејзината моќност е намалена.

– Многу луѓе кои мислат дека бурата ги одмина, се уште не се соочиле со нејзините закани, изјави Купер, додавајќи дека поради невремето околку 800.000 домаќинства во Северна Каролина останале без електрична енергија.

Флоренс се формира како ураган над Атлантскиот Океан, но откако во петокот пристигна до источниот брег на САД, ослабна на ниво на тропска бура. Во нејзиното жариште вчера претпалдне по локално време дуваа ветришта со брзина од 150 километри на час, по што во текот на денот тие се намалија до 75 километри на час.

Метеоролозите предвидуваат дека бурата, која се движи кон сојузната држава Охајо, ќе продолжи да слабее како што ќе навлегува се подлабоко во континенталниот дел на САД, но и во текот на наредните денови се очекуваат поројни дождови во реоните низ кои ќе минува.

Не е ислкучено кон средината на следната недела бурата да направи „остро свртување“ и да се упати кон државите на централнот дел на Источниот Брег на САД и кон реонот на Нова Англија.