Речиси 1000 загинати и стотици ранети во земјотресот што рано утрото ги погоди  источните региони на Авганистан. Силниот потрес со јачина од 6,1 степени по Рихтер, го почувствувале и жителите во Пакистан и Индија. Стотици куќи се уништени, а спасувачките екипи бараат преживеани под урнатите, стравувајќи дека бројот на загинати ќе расте.

„За жал, синоќа имаше силен земјотрес во четири окрузи на провинцијата Пактика, во кој загинаа и беа повредени стотици наши сонародници и уништени десетици куќи“ Ги повикуваме сите хуманитарни агенции веднаш да испратат тимови во областа за да се спречи понатамошна катастрофа, изјави Билал Карими – Портпарол на Владата

Спасувачки екипи пристигнуваат со хеликоптер за да ги евакуираат жртвите. Најмалку 90 куќи се уништени, а се верува дека десетици луѓе се заробени под урнатините. Фотографиите и видеата на социјалните мрежи покажуваат како луѓето се извлекуваат од урнатините во носилки. Авганистанците потресени раскажуваат дека нивните домови биле уништени.

Беше полноќ кога се случи земјотресот. Децата и јас врескавме. Една од нашите соби беше уништена“, рече локален жител по име Фатима. Друг жител, Фајсал, рече дека бил испратен во болница и „видел многу мртви тела“.

На потресните снимки од земјотресот се гледа како толпа луѓе трчаат кон хеликоптерот кој слета за да им достави медицински материјали и храна. Луѓето се во паника а бројот на жртвите се уште расте. Сочувство за жртвите на земјотресот искажа и Папата Франциск.

Во изминатите неколку часа, земјотрес предизвика голема штета во Авганистан. Изразувам сочувство до повредените и погодените од земјотресот и особено се молам за оние кои ги загубија животите и нивните семејства. рече тој.

ОН немаат доволно капацитет да бараат и спасуваат луѓе по разорниот земјотрес во Авганистан, а Турција е во најдобра позиција да ги обезбеди, изјави денеска заменик-претставникот на ОН за Авганистан, Рамиз Алакбаров. „Разговаравме за тоа со турската амбасада овде на терен и тие чекаат да им испратиме формално барање“, рече Алакбаров. Тој додаде дека ОН ќе можат да испратат такво барање до Турција само по разговори со локалните власти и кога ќе се утврдат вистинските околности на теренот.