Турскиот „крал на криптовалутите“ Фарук Фатих Озер, неговиот брат Гувен и сестрата Серап се осудени на по 11.196 години затвор за измама на инвеститори од десетици милиони долари, објави Би-Би-Си.
Во 2021 година, Озер побегна во Албанија со парите на инвеститорите откако неговата берза за криптовалути Тодекс ненадејно пропадна. Во јуни оваа година тој беше екстрадиран во Турција и на судењето беше прогласен за виновен за перење пари, измама и организиран криминал.На краткото судење во Истанбул, сестрата и братот на Озер се прогласени за виновни за истите обвиненија и осудени на иста казна. Ваквите затворски казни станаа вообичаени во Турција по укинувањето на смртната казна во 2004 година во обид да се исполнат условите за влез во Европската Унија. Така, минатата година телевизискиот проповедник Аднан Октар беше осуден на 8.658 години затвор за измама и сексуални злосторства, а десет негови следбеници добија исти казни.
Што се однесува до Озер, Обвинителството побара казна од 40.562 години затвор, но тој е осуден на речиси четири пати помалку.