Од 1 јануари годинава, заклучено со денеска во Грција е изречена 741 административна казна, во вкупна вредност од 1.211.770,68 евра за предизвикување пожари, а уапсени биле 314 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Според податоците од противпожарната служба на Грција, 88,85 отсто од случаите се однесуваат на пожари предизвикани од невнимание, за што биле уапсени 279 лица, а 35 лица (11,15 проценти) биле уапсени за намерно предизвикани пожари.

За истрагата и апсењата надлежна е Дирекцијата за справување со кривични дела поврзани со подметнување пожари при противпожарната служба.

– Секое намерно подметнување пожар, со кое директно се загрозуваат човечки животи, имот и природната средина, се истражува детално, а сторителите, кога ќе бидат идентификувани, веднаш се изведуваат пред лицето на правдата, посочија од противпожарната служба на Грција.

Последниот случај е од доцна синоќа кога државјанин на Пакистан, кој веќе е уапсен, со употреба на запалка предизвикал пожар во сува трева со три одделни жаришта по булевар во западниот дел на областа Атика поширокиот регион на Атина.