Официјалните податоци за првиот квартал од годинава покажуваат спектакуларен раст на приходите од туризмот од околу 65 отсто. Ова се надоврзува на една исклучително успешна година, каква што беше 2025 година, кога беше забележан значителен пораст на туризмот и беа постигнати рекордни резултати, посочи министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерката нагласи дека од година во година грчкиот туризам ги урива претходните рекорди, но „2025 година имаше една особено важна карактеристика: првпат приходите од туризмот пораснаа повеќе од бројот на пристигнувања на туристи“.

– Забележуваме значителен раст и во првите пет месеци од годината, како и во последните три месеци од 2025 година, што покажува дека туристичката сезона навистина се проширува. Најважно е што повеќе не сме ограничени исклучително на кратка и интензивна летна сезона, рече Кефалојани.

Таа објасни дека иако „Грција и понатаму останува дестинација која е тесно поврзана со сонцето и морето“, сепак вложуваат напори и стратегија за развој на туризам во текот на целата година, а во таа насока, нагласи дека е и првата национална кампања за промоција на планинскиот туризам и на планинските предели на земјата како атрактивна туристичка дестинација во текот на целата година.

Фото: Принтскрин