Кен Стар, независен советник кој приложуваше докази за време на импичментот на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, укажа дека е „скандалозно“ и „шокантно“ тоа што импичмент на претседателот Доналд Трамп се спрема додека тој присуствува на самитот на НАТО.

Претседателот денеска на новинарите во Лондон им укажа дека истрагата на конгресмените демократи е „целосно непатриотска“, критикувајќи ги дека тоа се прави додека тој е во странство.

Стар во ист манир укажа дека „е скандалозно што процедурата импичмент се води на овој начин, пред целата јавност. Шокантно е и прави лоша услуга на целата земја“, укажа тој денеска во изјава за „Фокс њуз“.

Тој посочи дека Конгресот треба да ги одложи сослушувањата додека Трамп не се врати во земјата.

-Судски рочишта и процеси се одложуваат и презакажуваат постојано, изјави тој за телевизијата.

Во меѓувреме, Одборот за разузнавање денеска објави извештај за импичмент на Трамп.

Извештајот го обвинува претседателот за „злоупотреба на службената положба и повикување на странска земја да се вмеша во изборите на САД во своја лична и политичка корист со цел негов реизбор за претседател“.

-Постојат огромен број докази за злоупотреба на положбата. Целта била влијание на следните претседателски избори во своја корист… Ставање на тесни лични и политички интереси над националните интереси на САД, поткопување на интегритетот на американскиот избирачки процес и изборите, и загрозување на националната безбедност, се вели в извештајот.

-Трамп прво ја повика Русија да се вмеша во изборите, и сега повторно, со повикот до Украина да објави истрага за Џо Бајден, тој го прави истото. Потоа тој ја повика и Кина. Тоа е чиста злоупотреба на претседателската моќ, да се повикуваат странски земји за мешање во нашите домашни работи, изјаво Адам Шиф, претседател на Одборт за разузнавање.

Извештајот е основа за импичмент на претседателот и е поднесен на разгледување пред Одборт за правосудство кој својата прва седница ја свика за утре.

Во наредните денови Одборот треба да го разгледа извештајот кој ќе биде основа за формлирање на точките под кои Конгресот ќе гласа гласа отповикување на претседателот Трамп.