Јованка КЕПЕСКА
Ставовите на Кочо Рацин застапени во публицистичката дејност малку се изучени иако неговата теоретска интуиција и визија говори за неговата интелектуална длабочина исто толку суштествено како и неговото поетско и прозно дело. Станува збор за трудови што настануваат во времето на тнр. сукоб на страната на книжевната левица како критичка анализа и естетски дивергенции кај авторите во триесеттите години на минатиот век, поместени во многу книжевни и, од сферата на културата, часописи. Тоа се списанијата Израз, Млада култура, Печат, двобројот, 8-9, 1939 година, во кој Мирослав Крлежа својот одговор на нападите го насловува како Дијалектички антибарбарус, Книжевне свеске, 1940 год., каде е објавена целокупната полемика.
Станува збор за дебатата за уметничкиот реализам, под влијание на надворешни но и на внатрешни фактори и на која ú претходат контроверзите околу филозофските проблеми на дијаматот (во сталиновата интерпретација – историскиот и дијалектичкиот материјализам) но и за позитивизмот (логичкиот позитивизам и неопозитивизмот). Дебатата е провоцирана затоа што во СССР, кога дијаматот се претворил во пресвртен облик на сфаќањето на дијалектиката, биле проскрибираната проблематика. Не сосема случајно на југословенските простори токму тогаш се објавува Хегеловото дело Логика со опширните коментари за дијалектичкиот материјализам (иако неназначено според Филозофските тетратки, настанати како белешки по читањето од В. И. Ленин) од филозофот Д. Неделковиќ. Ваквата реафирмација на значењето на Хегеловото поимање на дијалектиката овозможила плодна теориска критика на историскиот материјализам што се транспонирала и на полето на културата, уметноста и книжевната критика.
Кочо Рацин, кој со директни или писмени контакти остварува многубројни интелектуални врски со левицата во Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, покрај со книжевни творби, учествува и со есеи во најразличните списанија од сферата на културата и уметноста, во периодот од 1931- 1941 год. Тој е и единствениот цитиран македонски автор како учесник во теоретските расправи кај Предраг Враницки, Иван Бабиќ и др. Најзначајно е, сепак, што за силината, интуицијата и валидноста на Рациновите ставови во тогашните теоретски расправи може да се говори, не само со оглед на контекстот во кој тие настанале, туку и за нивната издржаност од денешен аспект.
Во општата дискусија најпрво учествува со двата печатени есеи За Хегел, објавено во Литература 1/6, 1931 год. во Загреб и Значај Хегелове Филозофије, Млада култура 1?2, 1939 год. во Белград) чувствувајќи ја речиси изненадувачки, така да се каже, прв и меѓу ретките потребата теоретски да ја реафирмира и интерпретира Хегеловата дијалектика и нејзиното значење за сфаќањето на дијалектичкиот материјализам, како сфаќање за самодвижењето на историјата и самосоздавањето на човекот.
Рацин потоа јасно се зазема и за релевантниот, но тогаш и негиран, став за односот помеѓу филозофијата и науките, применувајќи и самиот филозофско-научен метод во значајната анализа на македонското национално прашање, македонската литература, идентификацијата на македонскиот народ преку уметноста и литературниот јазик, богомилското движење и др.
За далекувидоста на неговите гледања говорат токму неговите ставови за односот спрема културата и нејзините битни манифестации посебно европеизацијата на уметноста. Така тој се заложува за отвореност спрема културата создадена низ целиот развиток на човештвото…Затоа тој укажува дека е потребно да се преземе сета култура што е создадена досега и дека новата култура треба да се јави со природниот развиток на оние резерви од знаења што ги создало човештвото досега. Во таа смисла тој го истакнува значењето на Гетеовиот Фауст, воодушевувањето од Бетовеновата музика и од Хамлет, и од македонската народна песна.
Негирањето на ваквите вредности според Рацин произлегува од старите, одамна погребани, идеи на пролеткултот, што произлегуваа од руските махисти и ревизионисти. А тоа е токму стојалиштето кое кај него јасно е искажано против приоѓањето кон уметноста со методот на вулгарната социологија односно против вулгарниот економско-социјален детерминизам во уметноста. Рацин вели, „вистинската уметност го открива нејзиниот длабок спознајно-културен елемент“ оттаму слободата на уметничкото творештво е суштината на (новиот) реализам. Уметноста и уметникот, според него, не може исклучително рационалниот приод да ги создаде. Рацин вели: „За нас што ја слушаме музиката, внесувајќи се во неа и преживувајќи ја нашата народна песна и не стигнува до разумот“. А потоа „само увото и срцето на оние што ги преживеале (тагата и радоста – н. з.) можат да ја дочараат таа потајна, скриена убавина (на македонската песна – н. з.). Изразите „проста“ македонска песна и „песната е нашата молитва“ се од Кочо Рацин.
Тоа се ставовите изложени во неговите есеи: Развитокот и значењето на една нова наша книжевност, Раднички тједник, I/23, 1940 год., Загреб; ракописот Уметноста и работничката класа; Блазиране глупости о осмеху Мона Лизе, Уметност и критика I/2/1939 год., Белград; ракописот Македонската народна песна: АнђелкоКрстић пред судом Ж. Пламенца, Уметност и критика, 3/1939 год., Белград; ракописот Реализмот на АнгелкоКрстиќ и Скидање маске, Књижевни круг, I/5, 1932 год. Белград.
Многу внатрешни и меѓународни фактори, сепак, придонесле да јакне ортодоксниот однос во филозофијата и сфаќањато на уметничкиот реализам како противстав спрема секаков обид за активно коегзистирање на прогресивната мисла со протагонистите на современата граѓанска култура. Влијанието на сталинизмот над нашите сопствени глави, а под сталинизамам подразбираме еден стил на мислење и оддолжување кон интернационалниот долг спрема СССР, продолжено опстојува. Поради теоретските разлики а со тоа да се смали отпорот и да се оневозможи акцијата во пресуден политички момент во очи на Втората светска војна. Движењето било ангажирано на зацврсување на сопствените редови така што и безначајна идејно-филозофска аберација која може да направи компликации во социјално-политичката борба и да ги разгори страстите, ја третира како загрозеност на највиталните интереси на монолитноста и борбената мобилност на движењето и партијата. Друго е прашањето дали тоа морало да се случи онака како што се случувало.
Дали поради ехото од заземената страна во судирот на книжевната левица, кој во основа бил политички, лежи и одговорот за проблематизираниот крај на животот на Кочо Рацин, како една, без отстапки, интелектуално длабока и човечки супериорна, личност?