Кичевчанецот кој пред две недели се вратил од Австрија, во болницата во Кичево дошол по препорака на матичниот лекар.  Имал симптоми на изнемоштеност и видливи траги на кожата. Поради сомнежот  дека се работи за мајмунски сипаници откако бил прегледан  му било кажано дека треба со возило на Итната помош со посебни здравствени протоколи да се јави на Инфективната клиника во Скопје, но  не се појавил ни таму ни кај матичниот лекар.

Од Центарот за јавно здравје во Битола попладнево контактирале со кичевчанецот и го утврдуваат неговото движење и контактите. На веб страницата на Институтот за јавно здравје  пишува дека вообичаено симптомите  на мајмунски сипаници се треска, главоболка, слабост во мускулите, недостаток од енергија и лимфни топчиња на кожата, а периодот на инкубација е 2-4 недели.  

„Преносот од човек на човек може да настане при близок контакт со респираторни секрети, оштетувања на кожата на заразено лице или неодамна контаминирани предмети. Преносот преку респираторни честички обично бара продолжен контакт лице в лице, што ги става здравствените работници, членовите на домаќинството и другите блиски контакти на активни случаи во поголем ризик“, велат од ИЗЈ.