Јапонскиот новинар Јумпеи Јасуда (44), кој три години минал во заробеништво во Сирија, на враќање кон својата татковина, проговори за тоа што го преживеал.

Тој, на летот за Истанбул од каде денеска патува за Токио, откри дека му е тешко да го зборува и својот мајчин јазик, откако 40 месеци минал заробен од терористичка група поврзана со Алкаеда.

– Среќен сум што се враќам дома во Јапонија. Истовремено не знам што ќе правам натаму ниту што би требало да сторам. Размислувам што би морал да направам, изјавил за Ројтерс, пренесува Гардијан.

Претходно во кратка снимка на турските служби Јасуда им го потврдил својот идентитет, при што беше забележливо дека многу ослабнал и има голема брада.

Се очекува наредниве денови да открие повеќе детали за деновите минати во заробеништво.

Него го заробила групата Нусра Фронт, кога влегол во Сирија од Турција во 2015 година. Тоа му било второ заробување на Јасуда, кој од Блискиот Исток известува две децении.

Прв пат бил заробен во Ирак во 2004 година заедно со уште тројца соработници, но набргу ги ослободиле.

Неговите родители во Јапонија едвај ги задржуваат солзите. Мајката Сачико открива дека направила 10.000 авиончиња од хартија за да и се сиполни желбата повторно да си го види синот.

– Не можев ништо друго да сторам, освен да се молам, па се молев секој ден, изјавила Сачико.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе му се заблагодари на турскиот претседател Таип Ердоган поради помошта за ослободување на новинарот.

Последниот извештај на Јасуда пред да биде киднапиран бил за неговиот пријател Кен Гот, јапонски новинар на кого ИСИС му ја отсече главата во 2015 година.