Новиот шеф на Пентагон Патрик Шанахан кој вчера презема функција која досега ја извршуваше Џим Матис, истакнал дека Кина е на врвот на неговите приоритети.

На состанок со соработници тој им рекол да се фокусираат на напорите за спроведување на стратегијата за национална одбрана разработена од неговиот претходник Матис, вели неименуван висок претставник од одбраната.

– Иако сме фокусирани на тековните операции, в.д. секретарот Шанахан му рече на тимот да ја запаметат Кина, Кина и Кина, изјави претставникот од одбраната.

САД го обвинуваат Пекинг за  воена и економска шпионажа и ја критикуваа амбициозни иницијативи за трговија и инфраструктура на Кина, како дел од економска принуда.

– Во 2019 година, Стратегијата за национална одбрана останува наш водич. Воената сила на Америка останува наш фокус, наведе Шанахан во новогодишната порака на Твитер.

Официјалниот претставник на одбраната изјави дека Шанахан денеска за првпат ќе присуствува на состанокот на владата со Трамп.

Шанахан не служел во армијата, туку од јули 2017 година работел како заменик-секретар за одбрана. Пред тоа, тој помина повеќе од 30 години во Боинг.