Кина одлучно е против соопштението на земјите членки  на Г7, кое се однесува на немирите во Хонгконг, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Генг Шуанг.

Во соопштението се наведува дека Г7 „го потврдува постоењето и значењето на кинеско-британската заедничка декларација од 1984 година во Хонгконг“ и се повикува на избегнување насилства.

Протестите во Хонгконг, кои се еден од најголемите предизвици за кинескиот претседател Си Џинпинг откако е дојден на власт во 2012 година, почнаа во јуни поради несогласување со законот за екстрадиција, кој овозможува на осомничените да им се суди во Кина, а каде, како што сметаат демонстрантите, тие не би имале праведно судење.

Законот во меѓувреме е суспендиран, а протестите прераснаа во широка борба за демократија во поранешната британска колонија, која во 1997 година е вратена под кинески суверенитет.