Горивата од обновливи извори како што се ветрот, сонцето и хидроелектраните, како и нуклеарната енергија, до крајот на оваа година, првпат во историјата, би можеле да достигнат половина од вкупното кинеско производство на енергија и да ја намалат употребата на фосилни горива, соопшти Кинескиот совет за електрична енергија.
Кина, која моментно се наоѓа на прво место во светот во однос на емисиите на стакленички гасови и потрошувачката на јаглен, планира во 2022 година да додаде 180 гигавати (GW) нови капацитети за производство на енергија од нефосилни горива. Така, вкупниот производствен капацитет од нефосилни извори ќе се зголеми на 1.300 гигавати, објави доцна синоќа Кинескиот совет за електрична енергија во својот најнов извештај.
Тоа би било половина од вкупно инсталираните 2.600 гигавати енергетски капацитети до крајот на оваа година, од кои на јагленот му припаѓаат 1.140 гигавати.
Кина се обврза да ја контролира потрошувачката на јаглен во период меѓу 2021 и 2025 година и да го зголеми вкупниот енергетски капацитет од обновливи извори, ветер и сончева енергија, на најмалку 1.200 гигавати до крајот на оваа деценија за да ја достигне максималната потрошувачка на јаглен до 2030 година и до 2060 година да постигне декарбонизација.
Во својот извештај, Советот предвидува дека потрошувачката на електрична енергија во Кина оваа година ќе се зголеми за околу пет до шест отсто во споредба со минатата година, достигнувајќи 8,7 до 8,8 трилиони киловат-часови.
– Очекуваме дека понудата и побарувачката на електрична енергија во 2022 година ќе бидат избалансирани низ целата земја. Но, во некои региони, може да има прекини во снабдувањето за време на најголемата побарувачка во летните и зимските месеци, се додава во извештајот на Кинескиот совет за електрична енергија.
Минатата година, повеќе од половина кинески региони имаа проблеми со повеќемесечен недостиг на електрична енергија, делумно како резултат на ниското производство на хидроенергија, како и недоволното снабдување со јаглен.