Со филмот „Три недели подоцна“ на режисерот Мирослав Терзиќ на 14 октомври во киното „Фросина“ во МКЦ ќе биде отворено 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова, кој годинава се одржува под мотото „На прво светло“.

Како што стои во соопштението на Киненова, на денешната прес-конференција директорот на фестивал Небојша Јовановиќ рече дека 11-то издание означува нова етапа во развојот на Киненова, со прграма во која доминира хуманистички поглед кон светот и фокус на ранливите групи.

– Меѓународниот филмски фестивал Киненова ја започнува новата деценијa, би рекол новата етапа од своето постоење. На ова 11-то издание од фестивалот, кој оваа година е под мотото „На прво светло“, ја осветлуваме новата траса од патот кој го гради Киненова – рече Јовановиќ.

Нагласи дека фестивалот во услови на глобални конфликти и општествени поделби, ја гледа филмската уметност како простор за отворање прашања, поттикнување дијалог и подигнување на свеста.

Јовановиќ информираше дека главната фестивалска програма годинава носи шест филмови, а во неа се „Three Weeks Later“ на Мирослав Терзиќ, „In the Shadow“ на Салем Салавати, „Yesterday the Eye Didn’t Sleep“ на Ракан Мајаси, „Fantasy“ на Кукла Кешеровиќ, „Kurak“ на Ерке Џумакматова и „The Shoes of My Father“ на Христо Симеонов.

Јовановиќ посочи дека тематскиот фокус на годинашното издание е насилството меѓу младите, а токму во тој контекст е избран и филмот со кој ќе биде отворен фестивалот. Според него, „Три недели подоцна“ е социјална драма која се занимава со последиците од насилството врз младите.

– Фестивалот има непрекинат континуитет во ангажиран пристап кон филмската уметност и сметаме дека силно и директно треба да придонесеме во отворање на дијалог и дискусија за најактуелните и најериозни општествени проблеми кои ја оптеретуваат реалноста во нашата земја. За ова издание тематскиот фокус е насилството помеѓу младите. Филмот на Терзиќ со кој ќе биде отворен Киненова, е моќна социјална драма, преку која режисерот прави сериозна и длабока психолошка деконструкција на српското општсетво кое е потонато во апатија и тешка корупција на свеста, чиви последици меѓудругото се и најранливите, оние кои треба да ја носат светлата иднина на едно општество, младите средношколци – рече Јовановиќ.
Во рамки на фестивалот ќе се реализира и работилницата за деца „Снимај паметно, остави трага“, во соработка со Општина Кисела Вода и под менторство на режисерката Марија Џиџева. Работилниците ќе се одржат на 5, 6 и 7 октомври, а учесниците ќе работат на создавање кратки филмски приказни поврзани со темите на врсничкото насилство, булингот и сајбербулингот.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска изрази задоволство од соработката со Киненова и посочи дека по отворањето во „Фросина“, фестивалската програма ќе продолжи во кино-салите во Кисела Вода и во Домот на културата во Драчево.

– Преку партнерство што го негуваме со Фестивалот и нашите кино сали ќе бидат местото каде ќе се одржува фестивалската програма, нашата Општина Кисела Вода директно придонесува за создавање услови за промоција на филмската уметност. Даваме конкретна поддршка на младите автори и ги доближуваме современите културни содржини до граѓаните. Тое не е само фраза туку наша стратегиска цел. Она што особено радува е фактот што по свеченото отворање на фестивалот во кино Фросина, фестивалската филмска програма се сели токму на наша територија, во општина Кисела Вода – рече Стаменкоска Трајкоска.

Менторката на детската работилница Марија Џиџева рече дека преку филмските лекции и практичната работа децата ќе имаат можност од своја перспектива да ги обработат проблемите со кои се соочуваат младите.

– Децата од основно училиште, популарно се Алфа генерација, кои се родени со мобилните телефони и токму тие придонесуваат за зголемување на насилството меѓу младите. Тие преку краткти филмски лекции за историја на филм, првите филмови, основи на филмскиот јазик, како да раскажеме филмска приказна, сценарио, снимање, монтажа… ќе се работи тимски да се создадат неколку филмови кои потоа ќе бидат прикажани на фестивалот Киненова – рече Џиџева.

Во програмата ќе бидат прикажани и шест кратки филмови од меѓународната селекција, како и шест филмови од Филмскиот фестивал во Драма.

Во чест на лауреатот Емин Алпер ќе биде прикажан неговиот дебитантски долгометражен игран филм „Зад ридот“, кој во 2012 година беше награден на Берлинале, а Алпер на фестивалот ќе дојде заедно со својот долгогодишен соработник, монтажерот Озкан Вардар.

Фестивалот Киненова е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија и од Општина Кисела Вода.