Недела на шпански филм организира Амбасадата на Шпанија од 21 до 25 ноември во Кинотека, по повод 25 години од воспоставувањето билатерални односи меѓу Шпанија и нашата земја.
Филмската ревија ќе почне задутревечер во 20 часот со играниот филм „Како да се биде нормална личност“ снимен во 2015 година по сценарио и режија на Летисија Долера која и игра во една од улогите.
Од наредниот ден, 22 ноември, ќе бидат прикажани и: „Кинеска приказна“ – шпанско-аргентинска копродукција во режија на Себастијан Боренштајн од 2011 година; анимираниот долгометражен филм „Апостол“ на Фернардо Кортизо од 2012; „Дождот, исто така“ на режисерот Исијар Болаин (копродукција на Шпанија, Мексико и Франција од 2010); „Црн леб“ по сценарио и режија на Агусти Виљаронга од 2010 година (добитник на девет национални шпански филмски награди „Гоја“); шпанско-аргентинската копродукција „Мартин (Јуниор)“ на Адолфо Аристараин од 1997 и „Животот продолжува“ на Фернандо Фернан Гомез од 1965 година.
За овој филм на Гомез, со кој ќе заврши ревијата, Кинотеката наведува дека како и неговиот претходен филм („Необично патрување“ од 1964) најпрвин бил забранет за прикажување.
-Мелодрамата со елементи на неореализам на Гомез била тајно прикажувана. За познавачите на филмот, „Животот продолжува“ е скапоцен камен во шпанската кинематографија и една од најсилните осуди на режимот на диктаторот Франциско Франко, соопшти Кинотеката.
Сите филмови од Неделата на шпански филм ќе имаат превод на македонски и на англиски јазик, а влезот за проекциите е слободен.