„Јас сум член на СДСМ уште пред да биде претседателот, или Заев. И моето дружење со него од 2014 до 2017 година сега не би го коментирал. Од 99 година сум член на СДСМ, а во целата приказна влегов заради тоа што верував во премиерот и во неговите добри намери, во лидерот на мојата партија СДСМ. Цврсто му верував на премиерот“, тврди за ТВ АЛФА Киро Тошевски, сопственик на фирмата БАНА.

Тој истакнува дека поседува објект кој, Вице Заев, односно луѓе поврзани со него, се обидуваат да му го преземат.

-Од 2017 година кога веќе дојде на власт, се што тој почна да прави врз мене се разни манипулации преку други личности, поврзани со него и со Зоран Заев, раскажува Тошевски.

Но за само две години, работите стигнале до таму, што сега како што вели Тошевски, стравува дека ќе го изгуби имотот каде што е објектот.

Објектот за кој зборува Тошевски е карабина. За објектот има платено комуналии за околу 12 700 м2, со нето површина од околу 10 илјади м2. Се наоѓа меѓу хотелот Хилтон и факултетот ФОН во Скопје.

Летото во 2017 Тошевски одлучува да го продаде објектот по цена од 4 милиони евра. Дури почнува и да разговара со потенцијални купци. Но во еден момент добива повик од премиерот да не брза со продажбата, односно да ја чува локацијата како атрактивна за странските инвеститори

-Ми кажа дека ми мисли добро, односно да се стрпам да бидам спокоен дека објектот и имотот ќе се продаде на вистински луѓе странски инвеститори, вели Тошевски.

Тогаш почнало се. Прв директен понудувач бил сопственикот на луксузен хотел во Аеродром. Но никогаш не се спогодиле за сумата. Сепак уште тогаш вели, Тошевски, се насетувало кој стои зад понудата од лицето, ама нашиот соговорник не сакал да верува во позадински намери.

-На еден од состаноците пред да влезам во неговиот кабинет во холот имаше на две места по десет пакета ајвари и лутеница „Мамас“, зелени и црвени, објаснува бизнисменот.

Откако не успеал бизнисот со првиот, како што Тошевски го нарекува посредник, следувал втор.

-Се појавува адвокатот Тумановски, доаѓа во моите канцеларии, не можам точно да се сетам еднаш или два пати, кратки средби. Ми покажа документи од мојот имот. Ми рече „ова го имаш, ти пишува дека имаш само земјиште под зграда, комплицирано ти е малце“. Му велам добро, кажете ми за кого е, кој е купувачот? „Добро“ ми рече, „знаете за кој човек е, да не зборуваме сега многу, се работи за Вице Заев, пратен сум од Вице Заев“, раскажува Тошевски.

Алфа побара одговор од адвокатот Алксандар Тумановски, дали во името на братот на премиерот преговарал за купување на имотот. Не добивме демант, но ни потврда.

-Како адвокат за одреден клиент кој бил заинтересиран за недвижноста сум направил проверка на цена и услови на ден 27.09.2017 година, по разгледување на можностите и потенцијалот на таа недвижност, клиентот покажа незаинтересираност за кое нешто во брз рок беше известено лицето Киро Тошевски, рече адвокатот Александар Тумановски.

ТВ АЛФА побарала одговор и од бизнисменот Вице Заев. Одговори веднаш на нашиот телефонски повик. Демантираше буквално се. Не сакаше да го снимаме, но ни дозволи да биде цитиран:

-Со Киро Тошевски се имам видено можеби еднаш. Ниту некогаш сум сакал да го купам, ниту сум го барал неговиот имот. Секојдневно добивам различни понуди за градежни земјишта, од различни бизнисмени, нема логика да влегувам во нешто што не го сакам, уште повеќе да си правам било какви проблеми со државата злоупотребувајќи го името на мојот брат. Ги отфрлам сите лажни сведоштва на Тошевски како неточни. А ако има доказ дека комуницирал со мене директно нека го приложи истиот. Нема да дозволам да ми се оцрнува името од било кој, вели бизнисменот Вице Заев.

На ова Тошевски приложува порака, за која тврди дека е испратена од премиерот кога бизнисменот, како што вели му се пожалил на премиерот што прави брат му. Во пораката стои:

-Штом верувате дека мојот брат ви направил нешто лошо, јас со него ќе се скарам и ќе му наредам да се тргне комплетно од што и да разговара со вас и што и да прави со вас комплетно да се тргне, стои во пораката што ни ја испрати Тошевски, скенирана од неговиот телефон.

Но да се вратиме на периодот после Тумановски. Тошевски тврди дека премиерот му побарал писмо за намена, или проектна документација за имотот со цел да ја дадел на заинтересирани инвеститори. Ја доставил, вели, во влада на 20.08.2018, преку неговиот адвокат, но не добил архивско бројче дека предал документ. Заради ова како што тврди, се јавил кај шефицата на кабинет на премиерот да провери дали писмото е стигнато во рацете на Заев. Таа му потврдила. Но ова е верзијата на Тошевски. Алфа испрати официјално писмо со прашања до пи ар кабинетот на премиерот. Дали сето ова е точно. И дали се од досега кажаното од Тошевски би можел да го демантира. Но до сега одговори немаме. По извесен период, на вратата на Тошевски тропнале нови купци. Но се изненадил кога ги видел истите своите документи, односно оние кои ги доставил во влада на барање на премиерот…

Ова е првото продолжение на ТВ АЛФА од приказната на Тошевски, а второто е најавено за утре.