Стогодишнината од крајот на Првата светска војна се приближува, a пиротехничари сѐ уште ископуваат муниција од полиња на смртта во источна Франција. Тоа може да потрае уште 100 години пред да заврши.

Во Вилонес-Харамонт, каде што реката Меус се „движи“ северно и западно од Вердун, германската војска исфрлила илјадници гранати во реката по битката кај Морт Хом во 1916 година.

Минатата недела, нуркачите влегоа во студената вода за да ги поврзат јажињата околу десетина гранати закопани во речното корито, пред дигалка да крене зарѓано оружје.

Повеќе од пет тони неексплодирани гранати беа пронајдени за само еден ден во реката.

Центарот за деминирање во Мец собира годишно по околу 45 до 50 тони оружје од Првата светска војна додека најмалку 250 до 300 тони се наоѓаат во блиските реки и во брда во источна Франција.

За деминерарот Гај Момпер, тоа е макотрпна, но важна задача е да ги заштити луѓето од гранати кои денес можат да експлодираат, но исто така и да го вратат францускиот пејзаж на изгледот пред војната.

-Треба да ја исчистиме земјата, рече Момпер, оценувајќи дека за тоа ќе биде потребно повеќе од еден век.
-Кога добиваме информација дека има некаде граната, веднаш излегуваме на терен, додава тој.
Првата светска војна најмногу се водела на француска и белгиска почва.

Повеќе од 10 милиони војници, вклучувајќи и 1,4 милиони Французи, загинаа во војната, која беше завршена на 11 ноември 1918 година, драматично менувајќи ја демографијата и пејзажот на Франција.