Најмалку 500.000 луѓе загинале во Ирак, Авганистан и Пакистан од почетокот на војната против тероризмот, што САД ја почнаа по нападите на 11 септември 2001 година, се наведува во извештајот на Институтот за меѓународни односи Вотсон при Универзитетот Браун.

Во извештајот не е прецизирана точната бројка на жртви, туку се истакнува дека за 17 години загинале од 480.000 до 507.000 луѓе, но се стравува дека е можно бројката да биде и поголема.

Новите податоци покажуваат зголемување на бројот на жртви за 110.000 во споредба со претходниот извештај објавен во август 2016 година.
Во извештајот се посочува дека иако војната против тероризмот често не го добива потребното внимание од страна на јавноста, медиумите и американските конгресмени, порастот на бројот на загинати покажува дека војната не губи интензитет, туку се засилува.

Најголем број цивилни жртви регистрирани се во Ирак од 182.272 до 204.575 луѓе, а следува Авганистан (38.480) и Пакистан (23.372).
Во Ирак и во Авганистан убиени се приближно 7.000 американски војници.

Во извештајот на Институтот за меѓународни односи Вотсон при Универзитетот Браун не се вклучени индиректните жртви во војната против тероризмот, кои починале од болести или поради недостиг на инфраструктура.