Македонија е подготвена да се вклучи во конструктивен дијалог со Бугарија, за да обезбеди целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка. Во исто време согласно истиот Договор очекува Бугарија да продолжи да биде наш пријател и поддржувач во процесот на евроинтеграција, порача македонскиот државен врв.
Претседателот Стево Пендаровски, вчера во обраќање на генералната дебата од 76. сесија на Генералното собрание на ООН во Њујорк, осврнувајќи се на ситуацијата во регионот и земјава подвлече дека Западниот Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција и порача дека е крајно време е да се преиспита сегашната фаза од најголемиот континентален проект по Втората светска војна, дали е во согласност со визијата на неговите основачи.
-Актуелниот ќор-сокак во тој процес ги фрустрира граѓаните и постојано го намалува нивниот ентузијазам за позитивни промени. Од друга страна, ваквата состојба ги отвора вратите за геополитички натпревар, но и за поинакви модели на владеење, стеснувајќи го просторот за демократски реформи, толку важни за регионалната перспективаза стабилност и за просперитет. Крајно време е да ја преиспитаме сегашната фаза од најголемиот континентален проект по Втората светска војна, идејата за Европа, обединета, слободна и во мир. Дали актуелниот статус на европските интеграции во регионот е во согласност со визијата замислена од неговите основачи предмногу децении? Ако сакаме стабилен и просперитетен Западен Балкан како важна алка во континенталната и трансконтинентална стабилност и безбедност, мора да разбереме дека итно е потребен пробив на планот на неговата европска интеграција, нагласи шефот на државата.
Според него, како мала земја во Југоисточна Европа, Македонија ја докажа својата способност, заедно со Грција, а со посредство на ОН, да решава и сложени прашања, како што е таканаречениот „спор за името“, што придонесе за дополнителна стабилност во регионот, а ефектите од Преспанскиот договор кој сега се спроведува, со добра волја, рече, ќе биде од корист и за нашите земји и за регионот во целина.
-Во исто време сме подготвени да се вклучиме во конструктивен дијалог со нашиот друг сосед, Бугарија, за да обезбедиме целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка. Продолжуваме да ги зајакнуваме нашата внатрешна стабилност и развојот, како функционално мултиетничко општество, засновано врз начелата на демократија, владеење на правото и човековите права. Притоа сосема сме свесни дека најдобриот можен придонес, што можеме да го понудиме за пошироката стабилност и напредок, е да ги имплементираме сите овие вредности дома, кај нашите граѓани, вели тој.
Премиерот Зоран Заев изјави дека очекува Бугарија да продолжи да биде наш пријател и поддржувач во процесот на евроинтеграција согласно членот 2 од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка и оти земјава нема да испорача никакви конкретни чекори додека не ја добие поддршката.
– Ние сме подготвени да ги преземеме заемно како две страни нашите обврски. Впрочем, голем дел и ги преземаме непишано – борбата против говорот на омраза да ја таргетираат двете министерства за надворешни работи, но и самите институции реагираат кога се сквернават споменици, кога се валка национално знаме на која било од двете земји итн. Ги преземаме дејствијата заради тоа што пријателите тоа го прават. Но, пред нас имаме и патоказ на којшто треба да работиме, а тоа е унапредување на институционалната соработка, инфраструктураната поврзаност меѓу двете земји, меѓусебното помагање и размена на искуство на сите наши идни перспективи. Спремни сме преку дипломатска нота да дефинираме дека краткото име е исто со долгото име на државата, односно дека С. Македонија е исто што и РС Македонија, дека немаме територијални претензии, изјави Заев вчера по промоцијата на новата инвестиција на компанијата „Филип Морис“.
Во однос на најавите за бришење на зборот „бугарски“ каде што се споменува фашистички окупатор во учебниците и спомениците, Заев рече дека не треба да се поистоветуваат цели нации со фашистичкиот окупатор и оти ваквата најава е во духот на пријателството, добрососедство и еврпопските манири. Смета дека со ваквата најава не се меша во работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија која, како што рече, се занимава со историските моменти од тоа време.
– Ние зборуваме за политичкиот дел на одлучувањето коешто се однесува на иредентизам, на провокативност и на неевропски манири. Во западноевропските земји, фашистичкиот окупатор нема етничка боја, нема национална боја и затоа на спомениците ќе остане фашистички окупатор, целта е да се избрише бугарски, рече Заев, додавајќи дека не смее цели нации да се обвинуваат за фашизам.
Во гостување на анализа 24 на ТВ 24 премиерот оцени дека ние „со ништо не сме придонеле да провоцираме какво било непријателство или нефер однос кон Бугарија“. Пријателството било искрено кога е потпишан договорот во 2017, па и во следните години, но, вели, односот се сменил поради политичкиот притисок и тензичната политичка сцена во Бугарија.
– Не очекуваме дека ќе се смени нешто во октомври, бидејќи Бугарија се уште нема политичка влада. Дури и претседателот Радев оди на избори, но тоа не значи дека треба да престанеме да комуницираме, рече Заев.
Постојат, вели, луѓе, поединци кои настапувале со скриени агенди кон земјава, но наведе дека е среќен што бугарското Министерство за надворешни работи ги осуди територијалните претензии на бугарскиот европратеник во предизборната кампања.
-Тоа што сакам да го потенцирам е дека доминантно бугарскиот народ сака да биде пријател со македонскиот народ. Знаат дека тоа е добро и за Бугарија. Јас сум убеден дека проевропските манири и решенија ќе преовладаат и ќе градиме пријателство без да се чепкаат болните работи за народите од двете страни, истакна Заев.
Во меѓувреме, бугарскиот државен врв на разговороите со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој, неделава, беше во посета на Софија, ја повторил позицијата во однос на прашањето кон Северна Македонија, барајќи од Скопје да покаже конкретни чекори и гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство.