Повикот на германскиот државен министер Михаел Рот за старт на преговорите со Скопје и Тирана, сепак се „зрак надеж во овие сиви денови на Западниот Балкан“. Според него, се чини, дека Германија е единствена од големите држави во ЕУ, која се обидува да го одржи во живот проширувањето, што не е доволно да се смири разочарувањето кое се шири низ регионот на Западниот Балкан, рече вчера професорот по меѓународни односи на Универзитетот во Бостон и поранешен црногорски амбасадор во НАТО и ОБСЕ, Веско Гарчевиќ во анализа за Дојче Веле.
Одредени членки на ЕУ, како Бугарија, оценува Гарчевиќ, иако имаат проблем со сопствениот имиџ, ја користат сегашната ситуација во Унијата своите билатерални или подобро речено внатрешнополитички прашања, да ги претвораат во проблем со кој треба да се занимава Брисел.
– Во актуелната ситуација во Унијата, блокадата на која одеднаш инсистира Софија им одговара на оние кои не сакаат проширување во догледна иднина, да не кажеме никогаш. Така, прашањата на периферијата на Унијата, како што се идентитетски односи меѓу Бугарија и С. Македонија стануваат добра причина за да се забави процесот на приближување кон ЕУ, иако земјата-кандидат, во случајов С. Македонија, ги исполни сите обврски во овој момент. Слично искуство има и Косово со визната либерализација, наведува Гарчевиќ во анализа за Дојче Веле.
Според него, одлуката на ЕУ да не ги започне преговорите со Македонија и Албанија е потврда дека регионот е заборавен во мноштвото други теми со кои е прекупирана ЕУ, а последиците од ваквиот пристап се многу сериозни, не само за регионот, туку и за самата Унија.
-За САД прашањето за Балканот е пред се прашање на безбедноста и односите со европските сојузници од НАТО. – Треба да се биде реален. САД не можат да ја заменат ЕУ на Западниот Балкан. Сепак, Вашингтон би можел да биде корективен фактор на политиката на Брисел, што би можело да биде добро за С. Македонија, Црна Гора и особено за Босна и Херцеговина, наведува професорот Гарчевиќ.
Според бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, ако има договор Бугарија може да ги одобри преговорите за нашата држава и пет дена пред изборите.
–Имаме многу јасен став. Сакам да потенцирам дека тоа нема никаква врска со изборите. Ако постигнеме договор пет дена пред изборите, Бугарија може да ја одобри Рамката за преговори на РС Македонија за почеток на претпристапните преговори, ја пренесе вчера БГНЕС изјавата на Захариева за бугарска „Нова ТВ.
Захариева истакнала дека главното прашање во спорот е поврзано со спроведувањето на Договорот за добрососедство и пријателство, што беше потпишан во август 2017 година.
-Најголемата манипулација што доаѓа од Скопје е дека им го ускратуваме правото на самоопределување. Ние не им го негираме ниту на бугарските граѓани правото да се самоопределат, а не пак да им го ускратуваме тоа на странските граѓани, наведе Захариева.
Имаме интерес Македонија да започне преговори, но не можеме да замижуваме на заштитата на националните интереси. Имаме многу точки со неисполнување на Договорот, дополни таа и повика да се намалат емоциите и да не се зборува преку медиуми.
Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, пак, за Бугарската национална телевизија (БНТ) рече дека Бугарија инсистира Македонија да го спроведе потпишаниот Договор за соработка, добрососедство и пријателство.
– Бугарија е државата која отсекогаш и помагала на Македонија. Ние први ги признавме, им помогнавме финансиски, ги помагавме и воено за време на југословенското ембарго. Очекувавме колегијален однос, но добивме задкулисни игри, нагласи вчера Каракачанов, кој е и лидер на партијата ВМРО – Бугарско национално движење (ВМРО-БНД).
Како што јави БГНЕС, според него, како и во целата своја 125-годишна историја, така и сега, партијата ВМРО „ја брани бугарштината“.
– Важно е да прекинеме со практикувањето на говорот на омраза, додаде Каракачанов.
Помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија и поранешен американски амбасадор во нашата земја Филип Рикер, во обраќање на онлајн форумот „Да се биде безбеден“ во организација на Атлансткиот сојуз на Црна Гора минатата недела порача дека Европската унија не треба да дозволи билатералните несогласувања да го запрат заслужениот напредок на Македонија во интеграциите.
– С. Македонија исполни се и треба да и биде дозволено да напредува во евроинтеграциите. Ова е важен момент за ЕУ. Секако ние ја потикнуваме Бугарија да ги реши билатералните прашања со С. Македонија надвор од пристапниот процес, додека истовремено ќе дозволи првата меѓувладина седница да се одржи годинава. Скопје и повеќе од тоа ја заслужи таа шанса и треба да продолжи да се движи напред, изјави Рикер.
Премиерот Зоран Заев на зачерашната средба со коалициските партнери по истекот на првите 100 дена Влада доби поддршка за продолжување на реформите и за барање решение на прашањето со Бугарија.
– Остануваме посветени на барањето решение со соседна Бугарија. Решение кое гарантира почеток на преговори со ЕУ, а никако не задира во македонскиот идентитет, ниту идентитетот на било кој народ или етничка заедница. Тука сметаме и на силната поддршка на нашите сојузници во ЕУ, особено Германија, како и САД, кои се посветени нашата држава да продолжи по европскиот пат и почнување на преговорите со Унијата, потенцира премиерот Заев.